Стапуваат на сила измените на 20-тина закони кои се усогласени со новиот Закон за прекршоци, односно од денес драстично помали казни за фирми. За малите компании, глобите ќе бидат пониски од шест до седум пати, а за големите- двојно пониски.
„Веќе од среда ќе можат да се ползуваат сите придобивки од намалените глоби за сторените прекршоци што се разбира дека позитивно ќе влијае на самиот бизнис-амбиент во којшто функционираат стопанските субјекти и ќе обезбеди позитивно опкружување во коешто тие ќе можат да ги задоволат своите интереси и да ја остваруваат својата дејност“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, пишува Курир.
Економските аналитичари велат дека измените во Законот за прекршоци му даваат дополнителна шанса за развој на бизнисот. Според нив, добро е тоа што казната ќе се одредува според економската моќ, бројот на вработените, а ќе биде важно и дали претходно фирмата била казнувана за таков прекршок.
Санкциите се нивелираат согласно економската моќ на компаниите, што е особено важно за микро, малите и средните претпријатија. Предвидени се три критериуми:
Прво, се зема предвид вкупниот приход на компанијата од претходната година. 10% ќе плаќаат фирмите со приходи до максимални 500 илјади денари. Горна граница е 70% за компаниите со приход од 100 милиони денари.
Второ, се зема предвид бројот на вработени. За фирми до 9 работници санкцијата е во висина од 5%, а ако се има предвид дека 85% од компаниите се со толкава бројност, тогаш станува јасно зошто овие законски измени се очекува значително да го подобрат деловниот амбиент. Оние фирми кои имаат повеќе од 250 вработени ќе плаќаат до 20% од пропишаната глоба.
Трет и можеби најважен критериум е поведението на фирмите во претходниот период. Ако досега немало санкција за одредена компанија, тогаш не се оди кон драконско казнување. Во игра влегува институтот опомена, што значи дека за поситни прекршоци прво ќе се оди кон укажување на грешката, а дури потоа ќе следува казната.
На пример, за трговец поединец со остварен вкупен приход од 500 илјади денари кој во фирмата има 9-мина вработени и нема изречено правосилни прекршочни санкции, висината на казната ќе изнесува 450 евра, наместо досегашните 3.000.
Досега фирмите кои немаа инсталирано фискални апарати и не издаваа сметки плаќаа глоби во висина од 5.000 евра. Сега, правното лице со приход до 500 илјади денари ќе биде казнето со 750 евра, а со приход до милион денари – само 1.250 евра.
Малите фирми задоволни од измените
Драстично намалените казни за фирми треба да помогнат да се развива бизнисот, малиот дуќан да прерасне во голем.
„Ќе го олеснат економското движење во државата. Мислам дека кај сите фирми наиде на одобрување. Одлично е што прво ќе има опомена. Така би требало да функционира, бидејќи казните се во функција да се стави ред во државата“, вели сопственик на продавница за компјутерски делови во Скопје.
Од високите глоби ќе куртулат малите и средни претпријатија кои сега ќе плаќаат само 15 или 30 проценти од додегашните казни, додека опомените ќе ги натераат фирмите да бидат попретпазливи во работењето.
Според аналитичарите, измените во законот за прекршоци ќе го намали бројот на неправилности, законот ќе доведе до подобро работење на фирмите, поголема заработка, и редовна исплата на платите на вработените.
Високите казни беа закана за водење на бизнисот, велат стопанствениците од Сојузот на стопански комори. За многумина од нив, ова е потег кој ќе го подобри бизнис амбиентот.
Бизнисот побрзо ќе се развива со намалување на казните
Бизнисменот Драган Митковски, кој воедно е потпретседател за финансии на Сојузот на стопански комори, смета дека донесувањето на измените во законот за прекршоци претставува многу важен момент за сегашното бизнис опкружување.
„Ова е за поздравување, најмногу и поради тоа што овој предлог беше наша иницијатива, а со него пред се се намалува психолошкиот притисок врз микро и малите фирми од постојаната закана за високи глоби кои постојано ги оневозможуваа извршувањето на секојдневните активност, оптоварени со административни пречки, кои едноставно беа пречка во развојот“, објаснува Митковски.
Со воведување на принципот на нивелирање на санкциите во зависност од економската моќ на субјектите, вкупни приходи, број на вработени, според бизнис заедницата кај фирмите ќе има помал притисок при спроведување на одредени законски процедури.
„Сметаме дека во континуитет прифаќањето на мерките на бизнис заедницата има многу значаен придонес во унапредување на деловното опкружување и секако бизнисот да оди напред и да се развива што е можно повеќе, што претставува бенефит за домашните компании“, изјави Даниела Арсовска, претседател на ССК.
Намалувањето на казните за домашните компании заедно со многу други мерки ја прави Македонија една од земјите со најдобра бизнис клима во Европа, а на македонското стопанство му дава можност да остварува добри резултати.