Од денеска директна авиолинија Скопје – Москва

Со пристигнување на авионот на „Нордвинд“ денеска попладне на Меѓународниот аеродром Скопје, и официјално ќе биде означено воспоставувањето на директната авиолинија Москва – Скопје.

Првиот лет на руската авиокомпанија „Нордвинд“ од Москва во Скопје треба да пристигне во 17 часот и 10 минути.

Отворањето на директната авиолинија ќе го одбележат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, амбасадорот на Руската федерација, Сергеј Баздникин и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак кои по пристигнувањето на авионот од Москва на Меѓународниот аеродром Скопје ќе дадат изјави за медиумите.

Воспоставувањето на директната линија Скопје – Москва првично беше најавено за 21 мај 2021, но „Нордвинд“ го одложи поради, како што соопшти, епидемиолошката состојба.

Новата редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје, според најавите на „Нордвинд“, требаше да се одвива еднаш неделно, секој петок попладне со време на поаѓање од Меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во 14 часот и 45 минути и време на пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје во 17 часот и 10 минути. Со неа практично, по 20 години пауза повторно се отвора воздушната врска  меѓу двете земји.