Од денеска почнува издавање на пасоши со името „Северна Македонија“

Пасошите кои ќе се издаваат од денеска ќе бидат со новото уставно име Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Ова претходно го потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на седница за пратенички прашања во Собранието.

Што се до однесува за рокот на важење на личните документи (лични карти, пасоши и возачки дозволи) со старото име, истите ќе важат согласно законската регулатива и тоа пасошите и возачките дозволи ќе треба да се заменат најкасно до 12.02.2024 година, додека за важноста на личните карти граѓаните ќе бидат известени затоа што Законот за лична карта сеуште е во собраниска процедура.

Во меѓувреме имаше и надградбата на системот за лични документи која се правеше пред неколку недели, која се правеше поради имплементирање на новото име.

Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи потврди дека граѓаните се уште се соочуваат со тешкотии со обновувањето на пасошите со истечен рок.

„Заради пандемијата многу граѓани не беа во можност да ги обноват своите пасоши. Тие се валидни до 31 декември со наше известување, но се зависи од разните држави тоа дали ќе го прифатат или не. Информации велат дека има држави кои бараат јасно да стојат роковите. Ова беше еден обид да олесниме таму каде што можеме“, рече Османи.