Од денеска учениците на настава

Во основните и средните училишта денеска на настава се сите вработени откако вчера заврши предупредувачкиот штрајк на наставниците. Штрајкувачите вчера беа на работа, без работни обврски, а оние што не пристапија, одржаа часови.

Предупредувачкиот ден помина со исти позиции на МОН и СОНК околу платите на наставниците. Министерот Арбер Адеми е со аргументот дека за 10,8 отсто им се зголемени платите од август 2018 до септември 2019, а лидерот на СОНК Јаким Неделков, со укажување дека државата им должи уште онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државата, или до 25 отсто.

И додека МОН и СОНК ќе преговараат за да договорат проценти за платите, за околу 260 илјади средношколци и основци почна новата учебна година. Според податоците на МОН, околу 20 000 од нив се првоодделенци.