Од десет млади, шест би заминале од земјава, а речиси никој нема надеж за промени, покажа истражување на „Вестминстер“

Од десет млади луѓе од земјава, шест би заминале од неа, доколку имаат можност, а само околу 29 проценти не би се иселиле. Осум од 10 млади мислат дека не можат да влијаат на начинот на кој работи Владата, односно немаат надеж за промени. Тоа го покажува истражувањето на Фондацијата за демократија „Вестминстер“.

Рита Бехадини, претседателка на Центарот за еднакви можности „Буба мара“, која го презентира извештајот пред почетокот на настанот: „Социополитичко учество на младите”, вели дека, од оние кои би одлучиле да си заминат, само осум проценти изјавиле дека сигурно би се вратиле во земјава.

-Тоа  значи дека веќе не станува збор за повисока плата и за повеќе пари, туку за подобар животен стандард. За жал, речиси осум од 10 млади луѓе мислат дека не можат да влијаат на начинот на кој работи Владата, а тоа значи дека немаат надеж за промена. Ако навистина сакаме промена, мора да најдеме механизми како младите да се сфатат сериозно и да станат дел од одлучувањето. Посебно треба да се најде начин како да се мотивираат, за да бидат дел од промената“, истакна Бехадини.

Според неа, младите мислат дека ако станат дел од една политичка партија, веќе не можат да најдат работа надвор од партијата. „Ако вистински сакаме промена, мора младите да учествуваат во политиката и да бидат дел од политичките партии, зашто само тие знааат за што имаат потреба,“ рече Бехадини.