![eli-panova](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/eli-panova.jpg?resize=696%2C493&ssl=1)
На денешната трибина на темата „Суштината на проблемот: Лоши закони или лоша примена?“ се обрати пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, која истакна дека неопходна е транспарентност, анализа и одговорност на судиите пред Судскиот совет кои не го применуваат правото според законот.
„Видовме дека од чинителите на судската власт, од нив некаков збор слушаме дури кога ќе се случат одредени грозоморни несреќни случаи, па и убиства. Најчесто реакциите од јавноста се толку силни што дури тогаш тие преземаат одредени чекори или мерки за утврдување на некаква одговорност од страна на судиите. Меѓутоа, за да решиме било каков проблем, освен транспарентност, која треба да биде основен предуслов за законодавната, извршната и судската власт, исто така треба да пристапиме и кон поголеми анализи. За жал, во изминатиот период, ние немаме видено никакви анализи за судските пресуди или за практикувањето на правото од страна на судиите. Немаме видено воопшто дали и колку такви пресуди се враќаат од страна на апелационите судови. Немаме видено колку пресуди и од кои судии се враќаат од судот во Стразбур. Што значи, анализа ни е насушно потребна и учество на судската власт во иницијативата за евентуалните законски решенија“, истакна Панова и додаде:
„Изминатите години слушаме дека се бараат дупки во законите за да може судиите да бидат добри, а не праведни судии. Ние од добри судии во наводници патиме до ден денес. Но гледаме колку е силна реакцијата на јавноста кога се добиваат најблаги казни, а кога таквите благи казни имаат големи последици. За да пристапиме кон решавање на проблемот, потребно е и учество од страна на судската власт, а не затскривање зад Судскиот совет, кој што, еве, сега ќе биде изваден пред јавноста. Односно, ние поднесовме иницијатива за интерпелација на членовите на Судскиот совет. Одговорност на судиите пред Судскиот совет е потребна, не смее да си дозволиме да слушаме за судии кои имаат примена на закони во најблага форма кон одредени луѓе кога ќе се случат одредени трагедии, и затоа одговорноста е многу важна и треба да ја бараме токму во Судскиот совет, кој треба да одредува иницијативи и постапки за дисциплинска одговорност на судиите кои не го применуваат правото“, нагласи Панова.
Панова потенцираше дека неказнивоста тргнува од заштитата која што во изминатите периоди Судскиот совет ја имаше врз судиите.
„За состојбата во судството многу зборувавме изминатиот период во Комисијата за политички систем, кога ги разгледувавме извештаите на Судскиот совет и на Јавниот обвинител, и каде гледаме дека секојдневно се прекршени човекови права. Луѓето се борат за своите права, а низ правните лавиринти не можат да ја добијат. Неказнивоста тргнува од заштитата која што во изминатиот период Судскиот совет ја имаше врз судиите, заради тоа што наместо од нив да дознаеме дека има корумпирани судии, ние од телевизиите слушнавме дека има уапсен врховен судија. Кога зборуваме за судството, не треба да го заборавиме ниту ЈО, па ние сме држава каде 95 проценти од обвинителните акти од страна на обвинителството завршуваат со пресуди кои што се исти какви што ги напишало обвинителството. Значи обвинителните акти всушност се и пресуди. Тие носат одлуки од кои јавноста очигледно не е задоволна. Тие треба да учествуваат во целата постапка за да ние добиеме законски решенија кои што ќе ја намалат вџашеноста на македонскиот народ кон таквите пресуди. Нивна е одговорноста да ни покажат нас, на законодавниот дом, каде и кои законски решенија треба да се подобрат. Потребна е иницијатива, учество од сите чинители за решавање на проблемите, бидејќи ова е комплексен проблем“, заклучи Панова.