Четири милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе бидат достапни на малите и средни бизниси за инвестиции во конкурентност преку Охридска банка. Бизнисите ќе можат да добијат техничка помош, вклучувајќи и советодавна поддршка преку ЕБОР. По успешно завршување на инвестицијата, ќе се стекнат со право на повратен грант од 15 отсто од вкупната сума на кредитот, обезбеден од Европска Унија.
Кредитот е дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните пријатијата на Западен Балкан, преку која ЕБОР обезбедува кредитирање, а Европската Унија која обезбедува техничка помош и грант.
Целта е да им се помогне на малите и средните претпријатија во модернизација на активностите и да се искористат можностите за зголемување на трговијата со Западен Балкан и поширокиот европски пазар.
-Заедно со ЕУ, преку нашата успешна Програма за поддршка на конкурентноста на МСП, поддржавме над 120 МСП со комбинирано финансирање во износ од над 30 милиони евра и се надеваме дека уште голем број МСП ќе имаат корист од оваа поддршка – изјави Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир пристапот до финансии е основа за идниот раст и развој на малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија.
ЕБОР досега во земјава има инвестирано над 2,14 милијарди евра во преку 145 проект.