Регистрацијата на фирми од февруари в година ќе се врши само по електронски пат. Измените се подготвени и треба да се достават до Владата до крајот на месецов, пренесува „Дневник“.
Директорот на Централниот регистар, Ванчо Kостадиновски, истакна дека до тогаш ќе има и доволен број регистрациски агенти, преку кои може да се врши регистрацијата на фирма за нула денари.
Годинава се отворени 6.247 компании, од кои 240 се регистрирани по електронски пат од овластени регистрациски агенти, кои ја вршат оваа активност последниве неколку месеци. До јануари се очекува да се зголеми бројот на регистрациски агенти, кој сега на ниво на државата е 121. Обуки се организираат во континуитет, а има голем интерес од овластените сметководители.
Во евиденцијата на Централниот регистар има околу 100 илјади компании. Директорот Kостадиновски посочи дека годинава се затворени во нормална процедура 3.758 компании.
Согласно измените на Законот за трговски друштва, избришани од евиденција се 4.200 фирми, а статусот на 3.500 во регистрацијата на блокирани сметки и за 6.100 што немаат активност три години едноподруго се чека да го утврди Управата за јавни приходи. Од УЈП се чека и утврдување на статусот на 37.748 фирми за да може потоа да бидат избришани од регистарот.
Сите проекти Централниот регистар ќе ги претстави пред јавноста преку Отворените денови што ги организира до 29 декември, кога сите заинтересирани граѓани ќе може да се обратат за с` она што ги интересира во врска со работата на оваа институција.
„Во регистрациските канцеларии на Централниот регистар во 20 града ќе се спроведе акцијата Отворени денови. Во согласност со нашата заложба што поблиску да бидеме до граѓаните, тимови од Централниот регистар од Скопје со локалното раководство ќе бидат достапни да одговорат на сите отворени прашања на граѓаните што се поврзани со надлежностите на Централниот регистар“, рече Kостадиновски и додаде дека идејата е да ги посоветуваат граѓаните за тоа како најдобро и најефикасно да решат некој нивен проблем или комплексна ситуација поврзана со кој било од регистрите што ги води Централниот регистар или ако проблемот не е во надлежност на Централниот регистар, да ги упатат во институција што е надлежна.
Отворените денови почнуваат денеска во Kуманово. За граѓаните во Скопје ќе биде отворено на 20 декември, а завршуваат на 29 декември во Штип и во Kочани.