Предвременото и гласањето по пошта за претседателските избори во САД на 3-ти ноември веќе го надмина нивото забележано на претходните во 2016 година, покажува независна студија објавена во неделата.
Девет дена пред изборите според US Election Project, институт основан при Универзитетот Флорида, објави дека до неделата гласале 59 милиони Американци. Во 2016 година предвреме гласале 57 милиони избирачи, лично или преку пошта, објави мрежната страница US Election Assistance Commission.
Милиони Американци гласаа порано загрижени поради продолжувањето на пандемијата на коронавирусот или мотивирани од големиот ривалитет меѓу републиканскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот демократски потпретседател Џо Бајден.
Според процените на медиумите, засега гласачите на демократите кои поттикнуваа на предвремено гласање и гласање по пошта, предничат во одѕивот, но сѐ уште не се знае како и дали тоа ќе влијае врз конечниот исход од изборите.
Доналд Трамп и републиканците се противеа на гласањето по пошта, сметајќи дека тоа отвора можност за манипулирање со гласовите и изборна измама, како и дека имајќи ги предвид законските обврски тие гласови ќе бидат познати многу подоцна. Поради тоа се очекува дека голем број републикански гласачи ќе гласаат на самиот ден на изборите, на 3-ти ноември.