Од кабинетот на косовскиот претседател тврдат дека во септември ќе се разговара за Прешевската долина

Извори од кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи тврдат во четвртокот дека на наредната средба со српската страна во Брисел, којашто треба да се одржи во септември, ќе се разговара за барањето на Албанците од Прешевската долина за обединување со Косово.

Истите извори за приштинскиот весник Zeri наведуваат дека претседатлот Тачи нема намера да се откаже од барањето за „корекција на границата“, кое интензивно го промовира последните неколку недели, а на што се спротивставуваат сите релевантни домашни и меѓународни фактори.

Претставници на опозицијата изјавиле за весникот дека Тачи, со неговото инсистирање за промена на границите, влегува во „опасна авантура“.

Според нив, опцијата за корекција на границите, која ја промовира косовскиот претседател, а индиректно се поддржува и од високи инстанци во Белград, каде се заговара размена на дел од срспската територија со северно Косово, ја ослабува преговарачката позиција на Приштина и нанесува големи штети на државноста која се градеше во изминатата деценија.