Откако шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“ во саботата изјави дека неговите борци го заземале целиот град Бахмут, по извесно молчење се огласија претставници на Киев кои велат дека борбите за овој град на југоистокот од Украина сѐ уште траат, но признаваат дека ситуацијата е критична.
Пригожин своето тврдење го изнесе во видео снимка, стоејќи во воена униформа пред борци на „Вагнер“ со развеано руско знаме си симболи на паравојската.
„Денеска во 12 часот Бахмут е целосно заземен. Го заземавме целиот град, секоја куќа“, рече Пригожин додавајќи дека операцијата за траела 224 дена и заблагодарувајќи им се на генералите и на рускиот претседател Владимир Путин.
Од друга страна, портпаролот на украинската армија Серхиј Шереватји за агенцијата Reuters вели дека „тоа не е вистина“ и дека „украинските единици сѐ уште се борат во Бахмут“. Заменикот министер за одбрана на Украина, кој не е именуван во веста, пак, рекол дека во тек се жестоки борби и дека ситуацијата е „критична“.
Бахмут е жариштето на најдолгата и најкрвава битка за некој град од почетокот на руската инвазија во Украина ланскиот 24-ти февруари.
Во својата анализа на видеото на Пригожин, Reuters наведува дека во далечината можеле да се слушнат експлозии и потенцира дека тој рече дека силите на „Вагнер“ ќе се повлечат од градот на 25-ти мај за одмор и прегрупирање, како и дека контролата над Бахмут ќе ја предадат на руската војска.
Во друга подолга снимка објавена на Telergam, како што пренесува Reuters, Пригожин ги исмејувал украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот Џо Бајден, кои во саботата учествуваа на самитот на членките на седумте индустриски најразвиени земји во светот Г7 во јапонскиот град Хирошима. Главна тема на состанокот беше новата воена помош за Украина.
Обраќајќи му се на Зеленски, како што го цитира Reuters, Пригожин рекол „Кога денеска ќе го видите Бајден, бакнете го во челото и кажете му дека го поздравив“.
Се додава и дека Пригожин ги повторил обвинувањата од минатото. Дека неговите борци претрпеле непотребни многу поголеми загуби бидејќи руската војска не гарантирала соодветна поддршка ниту снабдување со муниција, пренесува Reuters но не го цитира делот каде шефот на „Вагнер“ им се заблагодарува генералите Сергеј Суровикин и Михаил Мизинцев кои „дадоа можноста за спроведување на оваа тешка (болна) операција“.
Пригожин претходно во мај се закани со повлекување на своите борци. На тоа му претходеше жестоко гневна критика на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Објавата на шефот на „Вагнер“ за заземање на Бахмут следи по жестоките борби водени во близина на градот од минатата седмица, кога и самиот Прогожин објави дека руските единици се повлекле оставајќи им го на Украинците автопатот за да можат да донесат зајакнување и муниција. Функционери од Киев, исто така, известуваа дека од позиции во и околу градот биле потисната руските единици.
Во вообичаениот дневен брифинг за медиумите военото разузнавање на Велика Британија во саботата објави дека Русија „многу веројатно“ распоредила „неколку баталјони“ за да ја зајакне областа околу Бахмут по „тактичките успеси на украинската војска на рабните делови од градот“.
Последните месеци западните воени аналитичари почнаа да ја минимизираат важноста на Бахмут, наспроти претходните нивни тврдења и тврдеа дека руската војска изгубила десетици војници во борбите за градот. Во март американскиот весник The Wall Street Journal објави дека украинските офицери признаваат дека во борбите со руските сили последните месеци кај Бахмут, еден од трите градови кои сѐ уште се под контрола на Киев во одметнатиот проруски источен регион Доњецк, тешки загуби претрпеле неколку од најобучените единици на украинската војска. Уште во декември американските медиуми пишува дека Вашингтон ги советувал украинскиот државен и воен врв да ги повлечат преостанатите единици од градот Бахмут и да ги сочуваат за долго планираната пролетна противофанзива. Сега, пак, во истите медиуми се коментира за наводна стратегија на украинскиот воен врв со која руските единици загубиле голем број војници.
Руските воени аналитичари наведуваат дека самите власти во Киев го претвориле Бахмут (Артемјовск, на руски) во еден симбол, што може да претставува нивна „трагична грешка“. Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.