![lorenco sans](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/lorenco-sans.jpg?resize=570%2C321&ssl=1)
Еден од најистакнатите претседатели во историјата на шпанскиот фудбалски великан Реал Мадрид, Лоренцо Санс, почина на 76-годишна возраст во Мадрид, четири дена откако беше хоспитализиран поради коронавирусот.
Санс во вторникот бил донесен во болница во тешка состојба и со висока температура. Со тестирањето е потврдено дека има коронавирус, а набрзо здравствената состојба многу му се влошила. За жал, во саботата почина.
„Почина мојот татко. Не заслужи ваков крај. Нѐ напушти еден од најхрабрите и највредни луѓе кои ги познавав во животот“, напиша на Twitter Лоренцо Санс јуниор.
Санс беше претседател на Реал Мадрид од 1995 до 2000 година, кога „кралскиот клуб“ освои две титули во Лигата на шампионите. Особено се памети неговата прва шампионска титула освоена во 1998 година, по 32 години пост.
На чело на клубот дојде во 1995 година, наследувајќи го Рамон Мендоза, кој беше присилен да поднесе оставка поради финансиските проблеми и лошите спортски резултати.
Санс се обиде да направи пресврт во клубот доведувајќи многу тогашни ѕвезди како Роберт Карлос, Давор Шукер и Предраг Мијатовиќ, и тоа со сопствени пари.
Политиката на Санс доведе до долгоочекуваната титула првак на Европа во 1998 година, со победата против Јувентус. Тоа беше првата европска тутула за Реал по 1966 година. Две години подоцна „Кралевите“ освоија уште една европска титула, овојпат против Валенсија.
Иако Реал под негово водство освои два европски трофеа, Санс во 2000 година, само неколку седмици по победата во финалето на Лигата на шампионите, загуби на изборите од Флорентино Перез.
Под водството на Санс, Реал ги освои и Интерконтиненталниот куп во 1998-та, шпанското првенство во 1997-та и шпанскиот Суперкуп истата година, а кошаркарскиот тим победи во домашното првенство во 2000 година.