Македонија се соочува со значителен одлив на високообразовани кадри, што годишно изнесува околу 2500 лица.
Од Левица истакнуваат дека според последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Македонија е една од највисоко рангираните земји во светот во оваа категорија и е алармантно тоа што државата не ги задржува своите најквалификувани поединци, а оваа ситуација има тенденција уште повеќе да се влошува.
„Во последните години, државата инвестирала значителни средства за високообразовани кадри кои потоа ја напуштиле земјата. Овој одлив има сериозен ефект врз бруто – домашниот производ (БДП) и претставува значителен економски губиток. Односот на државата кон студентите, руинираните образовни институции и студентски домови, кај секој студент предизвикува разочараност од системот, што прави тие во сè поголем број да ја напуштаат државата. Корумпираноста на сите досегашни владеjачки гарнитури, наместените конкурси на кои наместо на најквалитетните, работните позиции им се даваат на партиски кадри, прават најдобрите студенти да се принудени да ја напуштат државата за да најдат работно место соодветно на нивното образование надвор од неа. Изминатите влади, без разлика на нивната политичка боја, покажаа неспособност и незаинтересираност да се справат со овој проблем. Сè додека државата е во служба на капиталот, а не на човекот, луѓето нема да ја чувствуваат како своја и ќе ја напуштаат истата, а во голем број случаи и ќе се принудени на тоа“, се наведува во соопштението на Левица.