Од Митко Панов очекувавме повеќе, шансата го троши

Денешната колумна произлезе од разговор при случајна средба која неодамна ја имав со стар познаник, пензиониран историчар од Институтот за национална историја.  Говорејќи за она што постојано пишувам, за состојбите во високо образование, познаникот во еден момент отсечно ми кажа „Ѓоко, од Мите Панов очекувавме многу повеќе“. За момент оваа реченица ми укажа дека навистина не следам што се случува во научните институции толку колку што треба. После средбата со историчарот почнав да истражувам што навистина се случува со Институтот и да се слушам со други луѓе кои биле дел од него. Ја прелистував нивната веб страница, читав информации од интернет и тоа што го заклучив многу не ме израдува.

Професорот Митко Панов кого го ценев многу пред се поради ставовите кои ги имаше во одбрана на македонската национална историја и достоинство стана директор кон крајот на 2023 година, значи веќе 25% од мандатот така кажано потрошил. Сублимирајќи се што прибрав како информација фактички Институтот за национална историја се наоѓа како во некоја состојба на замрзнатост и реално ништо не се променило откако замина Драги Ѓоргиев. Она што најмногу ми пречи како човек што држи до правото и правното работење е што работењето на Ѓоргиев воопшто не е проверено. Толку често медиумите пишуваа, известуваа за поранешниот директор и наводното противзаконско работење, се шушкавме меѓу себе, а еве веќе една година новиот директор ништо не обелоденил. Па, сега да сме чесни, имало или немало незаконско работење?! Барем јас така мислам дека секое ново раководство треба да презентира што се случувало порано. Но, не сакам да мислам, а се случувало многу често дека станува збор на политика „не замерај се“ или „не те чепкам не ме чепкај“. Да не се бранува многу, да си оставиме простор да бидеме подобни за секое време.

Друга работа, до каде се правните акти на Институтот, има ли измени, има ли нови? Самиот сум се уверил колку некои биле несоодветни, лоши. Читам само дека се организираат некои настани по редот на нештата, се склучуваат Протоколи, Меморандуми ама тоа не е доволно. Спротивно на тоа, следам Комисијата за историски прашања со Бугарија врви одлично, седница врз седница, пара врз пара. Таа Комисија што не иритираше и не иритира сите. Ама тоа е друга тема, за друга колумна.

Од друга страна, самото пригаќање на концептот „заедничка историја“, кој произлегува од интерпретацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ја прави работата на комисијата научно невалидна, бидејќи однапред политички ја предодредува „бугарската“ историска карактеризација на личностите од Македонија и нивната соодветна контекстуализација во современието. Притоа, досегашната селецкија на личностите евидентно се прави исклучиво врз основа на поврзаноста со Македонија, а препораките се ставаат во функција на потврдување на едностраниот бугарски поглед на историјата на Македонија, што преку „заедничка историја“ треба да резултира со историска „бугаризација“ на македонскиот народ и на културно-историското наследство на Репиблика Македонија

Дел од интервју дадено на 17 август 2022 година од проф. д-р Митко Панов

Порано професорот Митко Панов го гледавме како дава интервјуа како претседател на здружение на историчари, имаше добри насоки. Откако стана директор замре и тоа здружение, ништо никаде. Институт замрзнат, здружение замрено, Комисија разработена до небеса, интересно? А ако говориме чесно, откако стана директор требаше да си даде оставка од здружението, функционер и претседател на невладина организација тоа некако тешко му оди. Не треба и не мора сè да се држи под контрола. Во оваа прилика, сакам да се обратам како на национално свесен македонски колумнист и човек кој си ја сака и следи историјата, дека стартот му е лош. Дали од страв дали од неподготвеност да не претпоставувам, транспарентност во рок од една година нула, почеток на значајни промени во институцијата тапа. Никаков чекор да се справи со евентуално претходно незаконито работење (иако прикривањето значи соучесништво), здружение во колапс.

Јас сум човек што дава шанса и врз основа на тоа сакам да видам што ќе прави Панов идната година. Така како што успешно ги реализира личните проекти Школата за османлиско и византиско наследство и симпозиум Јустинијан Први така треба да почне со видливи поместувања во Институтот кој е локомотива за цела фела. Прво, да расчисти со лошото наследство кое да, точно може да донесе и непријатели ама затоа е избран. Второ, да ги претресе сите правни акти, при што му стојам на располагање за тоа. Понатака, да го обединува колективот но не да ги премолчува огрешувањата на поединци и да ги амнестира. Сите научни институти треба да разберат дека се јавни, а јавни значи дека имаат одговорност пред јавноста, а не само пред себе. А сите функционери треба да разберат дека не ги бираме за да ја осигураат својата позиција и да прават слика за себе пред политичарите и таму да се безбедни.

Директоре, пред неколку години барав поддршка од вас за да се обелодени една крајно неетичка дејност на ваша колешка, вешто ме избегнавте. Не сакам да верувам маневрите ви се специјалност туку средновековната историја. Уште надворешни членови во Советот ви се по партиски директиви од претходната власт, некомпетентни. Како човек со седа коса јас барам сончев зрак наутро за да верувам дека денот ќе биде убав ама до сега во Институтот за национална историја не го гледам.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес