Од наредниот месец можно е да плаќаме поскапа струја

-Ќе направиме сѐ за да се заштити стандардот на граѓаните, но загрижува фактот што ЕСМ нема да го покрива целокупното количество на електрична енергија, туку на тендер ќе понуди само 85 отсто. Останатото количество универзалниот снабдувач ќе мора да го обезбеди од надвор. Сепак, какви сметка ќе плаќаат граѓаните од 1 јули ќе се знае до крајот на месецов, изјави претседателот на Регулаторната комисија и водни услуги, Марко Бислимоски.

Тој додаде дека државните електрани во време на криза нудеа пониска цена на струјата, а сегашната нивна цена од 60 евра за мегават час е изненадување.

-Оваа цена од 60 евра за мегават час некако можеме да ја разбереме, но мене ме загрижуваат оние 15% кои треба да се набавуваат на слободниот пазар. Тоа има сериозно влијание врз крајната цена. Сега на пазарот и фјучерсите што ги гледаме за третиот и за четвртиот квартал, цената, зависно од денот, се движи од 90 до кај 100 евра за мегават, рече Бислимоски.

Во Регулаторна се во тек анализите и за воведувањето на дополнителен, уште еден час евтина дневна тарифа на струјата, која според најавите, би се вовела во текот на зимските месеци, за што ќе треба повторно да се сервираат и броилата на сите домаќинства.

„Ќе видиме дали тоа ќе биде од 1 декември, 1 ноември или 1 јануари в година, зависно што ќе покажат анализите…, изјави тој.

.