На 2 мај ОВР Неготино соопшти дека, Б.С.(35) од Неготино пријавил дека дел од падобранска опрема паднала на покривот од неговата куќа и оштетила неколку ќерамиди. За среќа, нема повредени лица.
Извршен бил увид од екипа од ОВР Неготино и бил пронајден еден војнички ранец сопственост на војник од сојузничка армија во состав на Мултинационална вежба „Вежбовни десантни падобрански скокови од авион“ над подрачјето на Неготино. Предметот бил вратен на лицето, а штетата на покривот ќе биде надоместена, изјавија од МВР.
Од Левица од Неготино на својата фејсбук станица во врска со случката објавија: „Во Неготино можеби нема вода, можеби нема ни соодветно осветлување по улиците, нема ниту инвестиции, но затоа пак во Неготино ни паѓаат ранци од небото!
Вчера попладне, врз станбен објект падна неидентификуван предмет.
И покрај брзата реакција на воената полиција и нашите “пријатели” од НАТО, сепак истото не остана незабележано од наши сограѓани.
Се прашуваме, доколку паднал ранец од летечки објект, дали постои опасност да падне нешто значително ризично и фатално по животот и здравјето на неготинци?
И што ако овој објект – предмет паднеше на место каде има голема фрекфенција на луѓе?
Немоќни да го заштитат и регулираат сопствениот простор како резултат на губење на суверенитетот, НИЕ бараме соодветните институции да сносат одговорност и да го расветлат случајот во најкраток можен рок“.