По нападот на ектремната палестинска организација Хамас во октомври минатата година, Србија извезла најмалку две големи пратки оружје во Израел, објави во вторникот Балканската истражувачка мрежа (БИРН), а Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорило на прашањето со кое би ги потврдило или негирало овие наводи.
Информациите за извозот на оружје во таа блискоисточна земја се водат под ознаката „строго доверливо“, гласел одговорот на тоа министерство, кое одбило да му даде на БИРН информации за извозот на оружје во Израел од октомври. Информацијата е побарана врз основа на барање за пристап до информации од јавно значење.
Од Министерството наведуваат дека во одлуката се предвидува дека се работи за тајни информации од интерес на Србија и дека со нејзино доставување би се ставиле на располагање информации „кои може да се сметаат за деловна тајна“.
Според БИРН, ваквиот одговор од Министерството за внатрешна и надворешна трговија е „невообичаен“, бидејќи вообичаено рутински им дава на новинарите информации за извозот на оружје, како што се информации за видот и количеството на извезеното оружје, компаниите вклучени во извозот, како и кои се крајните корисници на тоа вооружување.
Ова е само вторпат во последните неколку години ова министерство да одбие да му ги достави на БИРН податоците барани согласно Законот за достапност на информации од јавно значење, забележува мрежата. Неодамна го сторило тоа во октомври минатата година, кога, според БИРН, одговорило дека откривањето на информациите за продажба на муниција пронајдени по вооружениот конфликт меѓу паравоена група Срби и косовската полиција во Бањска, на северот на Косово, би ги загрозил „безбедносните интереси“ на Србија.
И покрај одбивањето на Министерството да обезбеди податоци, БИРН открива дека водечката државна компанија за извоз на оружје, Југоимпорт-СДПР, испратила две пратки во Израел од октомври 2023 година до денес, со вкупна вредност од повеќе од еден милион евра.
Според податоците на Царинската управа собрани од порталот Checkpoint, кој на едно место ги собира официјалните податоци на државните институции, „Југоимпорт-СДПР“ во октомври 2023 година извезла стока во вредност од 540.120 евра, а во февруари годинава испратила уште една пратка вредна 510.000 евра за Израел.
Останува непознато дали во истиот период Србија издала уште една дозвола за извоз на оружје во Израел која допрва треба да се спроведе, со оглед на тоа што Министерството го одбило барањето на БИРН.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на крајот на минатата седмица изјави дека Србија го извезува сето оружје коешто за продажба успева да го произведе.
„Интересот е толку голем што Србија само со еден договор може да продаде сѐ што ќе направи за 30 години“, рече Вучиќ во изјава за новинарите на 9-ти март во текот на посетата на Воено-техничкиот институт во Белград.