Од патарини лани во државната каса собрани 53,2 милиони евра

На наплатните станици во државава лани е остварен промет во износ од 3.274.387.335 денари (53.242.070 евра), информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД). Ланските приходи се за 6,6 милиони евра повеќе во однос на тие во 2021 година кога изнесуваа 46,4 милиони евра. На новите патарини пуштени на 18 јули лани, Преод и Кадрифаково, на патниот правец Миладиновци – Свети Николе – Штип, од наплата се собрани 85.599.333, односно 72.861.770 денари.
„Најпрофитабилна“ е патарината Романовце, каде според податоците, остварениот промет изнесува 400.174.788,00 денари. Од наплатата на Миладиновци се инкасирани 266.361.767 денари, Глумово 258.299.622, Градско 248.125.247, Желино 244.476.653, Гевгелија 236.866.875, Петровец 205.967.358, Тетово 201.158.821, Сопот 195.984.192, Отовица 188.054.352, Демир Капија 172.813.622 и Гостивар 164.536.337 денари.
Сопот и Отовица се единствени кои имаат наплатни кабини само во еден правец, а Преод и Кадрифаково се отворени во јули лани.
Прометот остварен од електронската наплата на патарина преку продажба на електронски уреди и нивни надополнувања во АМЦ Центарот, пак, изнесува 333.106.598 денари.
Од почетокот на воведувањето на електронската наплата од јули 2019 година па сѐ до 1 март годинава наплатата бележи постојан раст, како во продажба на електронски уреди, така и во нивно надополнување.
За периодот 2019 до сега, продадени се вкупно 144.591 парчиња М-Смарт картички и 17.412 М-Таг уреди или вкупно 162.003 електронски уреди. За посочениот период, направени се вкупно 851.272 поединечни надополнувања на електронски уреди.
Од ЈПДП велат дека учеството на електронската наплата е со постојан пораст во вкупниот промет остварен од наплата на патарина и веќе надминува 30 проценти од вкупната наплата.
Најчест начин на плаќање патарина е сѐ уште во готовина со нешто над 55 проценти од плаќањата, електронската наплата учествува со околу над 30 проценти, а на безготовинско плаќање со користење на платежни картички отпаѓа околу 15 проценти од плаќањето.
На самитот во Охрид беше договорено да се воспостави единствен систем за електронска наплата (ENP) во Србија, Северна Македонија и Албанија. Со тој систем возачите патарината ќе ја плаќаат електронски, со уникатен ТАГ уред. Новиот начин на плаќање патарина треба да го растовари протокот на возила на наплатните рампи. Според најавите од надлежните институции, до зачленувањето во ЕУ на државава треба да биде воспоставена целосна дигитализација на патарините, односно начинот на којшто ќе се наплаќа таксата за патарина ќе биде дигитализиран.