Од понеделник генерален штрајк на приватните специјализанти

Во денешното соопштение приватните специјализанти наведоа дека и покрај одржаниот протест на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.

– На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, се посочува во соопштението.

Поради тоа, како што стои во соопштението испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ – Штип, тие се принудени да го направат следниот чекор – пристапување кон генерален штрајк од 15 април.

Се најавува штрајкот ќе трае сѐ до исполнување на нивните барања.