Од правото на прогрес зависи иднината на републиката

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката што под нејзино покровителство се одржа во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Претседателката Сиљановска Давкова положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова рече дека на 2 Август 1944-тата, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес, рече претседателката Сиљановска Давкова, нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.

Според претседателката Сиљановска Давкова, успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите.

Како што посочи, македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, посочи, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.  

„Секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и новите можности.

Ако денес, 80 години потоа, ги прашате младите генерации, кое човеково право им е најважно, верувам дека огромен дел од нив ќе речат – правото на напредок, правото на потрага по среќа. Потрагата по среќа, за мене, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право, што најпрво било прокламирано со Американската револуција, и било потврдено со Француската револуција, било прегрнато од нашите илинденци и асномци и, преку нив, вградено во македонската република.

И тоа не е случајно, бидејќи републиката постои заради граѓаните, заради вас, за да им овозможи, за да ви овозможи, да ја достигнете среќата, да создавате вредности, да напредувате не врз основа на врски, привилегии и протекции, туку само и само со врз основа на знаењето, квалитетот и способностите. Тоа е целта на постоењето на секоја република, вклучително и нашата, независна македонска република. Во 1991 година, таа беше конституирана за да „се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок“, повторувам, „напредок на личниот и заедничкиот живот“. Повеќе од многу други човекови права и слободи, токму правото на напредок, на потрага по среќа е сврзано со младите. Тоа е нервот што ги придвижува младите луѓе, ги мотивира да се надградуваат, да се натпреваруваат, да бидат активни, да бидат граѓани коишто се залагаат за позитивни општествени промени. И затоа, повеќе од многу други права, токму од правото на прогрес зависи иднината на републиката“, посчи таа.