Од работа ќе може да отсуствуваат родители на деца до четврто одделение

Владата вчера донесе повеќе мрки за превенција и сузбивање на коронавирусот, со коишто им се стави клуч на градинките, училиштата и факултетите во следните 14 дена. А, воедно, еден од родителите на деца до 10 годишна возраст, како што изјави министерот за здравство, ќе добие платено отсуство од работа за деновите кога училиштата и градинките ќе бидат затворени.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, вчера посочи дека од работа ќе бидат ослободени родителите на деца до 10 години, односно „децата до четврто одделение, вклучително и четврто“.

Сепак, кај родителите се јави дилема, дали мерката ги вклучува и родителите на деца кои имат десет години, но се петто одделение.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека „согласно препораките на Владата, мерката важи за родител кој се грижи за дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение“.

Станува збор за платено отсуство и не треба да земаат денови од одмор, или  боледување. Ова важи само за децата што посетуваат воспитно образовна институција и ќе треба да приложат потврда од градинка или училиште.

Во моментов во земјава има седум лица заболени од коронавирус, а околу 200 лица се во домашна изолација. Случајот со несовесната лекарка која при престој во Италија се заразила со вирусот, а по враќањето во Македонија не се ставила во самоизолација, туку, пет дена одела на работа во Клиниката за кожни болести, го вклучи алармот кај власта, но и стравот кај граѓаните.

Поради овој случај, Клиниката за кожни болести се затвори, а 64 вработени, 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница се во домашна изолација.