Најголемиот енергетски комбинат за производство на електрична енергија работи нормално , се вели во соопштенито од РЕК Битола до медиумите, по информациите дека во попладневните часови во петокот во комбинатот дошло до силна експлозија во којашто е направена значителна материјална штета.
Од комбинатот велат дека станува збор за лажна информација и испратија официјално соопштение до медиумите во коешто се демантирани гласините дека наводно попладнево се случила експлозија во РЕК Битола.
„РЕК Битола целосно ја отфрла како неточна информацијата која во попладневните часови беше објавена на горенаведените портали. Станува збор за груба, малициозна и нечовечка дезинформација при чие пласирање не беа почитувани основните новинарски принципи за проверка на информацијата кај релевантен извор. Од тие причини АД ЕЛЕМ, РЕК Битола БАРА нејзино целосно повлекување. Во спротивно, во овој и во сите слични следни случаи Компанијата ќе ги преземе сите правни лекови.
За волја на вистината, денес, околу 15:20 часот дојде до “куса врска” (т.н. краток спој) во една од ќелиите за висок напон на Блок 2 на РЕК Битола. Како последица на оштетувањето на осигурачите на командниот напон, Блок 2 на РЕК Битола испадна од мражата на електроенегетскиот систем. Санацијата на оштетените делови е во тек и Блок 2 на РЕК Битола ќе биде повторно ставен во функција уште во текот на вечерва“.
Претходно порталот Економски Лидер повикувајќи се на извори во компанијата објави дека експлозијата се случила на 6-киловолтна склопка од напојна пумпа, која наводно неодмна била ремонтирана за голем износ. Истите извори навеле и дека во моментов, надвор од функција е третиот блок на електраната.