Фудбалската федерација на Македонија преку Mk Tickets, официјалниот партнер за продажба на билети, од сабота (29-ти мај) започнува со продажба на влезниците за подготвителниот натпревар за претстојното Европско првенсто кој македонската репрезентација на 1-ви јуни на Арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го игра против соодветната селекција на Словенија.
Влезниците чинат 300 денари за јужната трибина и 200 денари за источната трибина од Националната арена „Тодор Проески“. Фудбалската федерација на Македонија билетите од западната трибина ќе ги распредели за верните навивачи на Македонија од навивачките групи кои покажаа интерес за присуство на натпреварот.
Капацитетот на Националаната арена е ограничен на 30 отсто. Една личност ќе може да купи најмногу четири билети.
Строгите здравствени ограничувања и протоколите на УЕФА за заштита од Covid-19 се причините поради кои на северната трибина ќе биде дозволено присуство само на лица од двете репрезентации, лица од ВИП секторот и службата за организација на натпреварот.