Од САД тврдат дека сојузниците постигнале напредок во користењето на руските средства за Украина

Соединетите држави и нивните партнери од Г7 постигнаа напредок во изнаоѓањето начин да ги обезбедат итно потребните средства за Украина преку искористување на профитот остварен од замрзнатите руски средства, изјавил за Reuters претставник на американското Министерство за финансии.

Брент Нејман, помошник секретар за меѓународни финансии, рекол дека неодамнешната одлука на Европската унија да ја користи годишната заработка од замрзнатите средства би можела да донесе милијарди долари годишно за да ѝ се помогне на Украина во борбата против руската инвазија.

Нејман рекол и дека САД и Г7 постигнале напредок во разговорите за тоа како веднаш да испорачаат уште поголеми количества пари во Украина.

„Еден начин може да биде да се позајми значителна сума за да ѝ се помогне на Украина на краток рок и да се поврзе отплатата на долгот со идните приливи од профитот (од замрзнатите рудски средства)… Тоа ќе обезбеди итна финансиска помош за Украина и ќе му покаже на (рускиот претседател) Владимир Путин дека не може да ги надживее Украина и нејзините партнери“, рече Нејман кој неодамна се вратил од посета на Украина.

САД ги охрабруваат партнерите од Г7 – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија – да прифатат заем покриен со приходи од замрзнати руски средства, што ќе му обезбеди на Киев 50 милијарди долари на краток рок.

Официјален претставник на американското министерство за Reuters рекол дека сепак постојат технички прашања кои допрва треба да се разработат и дека сѐ уште се разгледуваат други опции, но не дал поединости.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави неодамна дека заработката од рускиот запленет капитал се движи од 3 до 5 милијарди долари секоја година. Американскиот предлог доби значителна поддршка, тврдеше таа.

Белата куќа во вторникот нагласи дека секое решение за монетизација на замрзнатите руски средства во вредност од околу 300 милијарди долари мора да се разработи заедно со сојузниците и другите земји. Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека претседателот Џо Бајден најверојатно ќе разговара за ова прашање за време на посетата на Франција оваа седмица и на самитот со лидерите на Г7 во Италија следната седмица.