Остатоци од слама, лушпи од пиперки за ајвар, искористено масло за јадење… Не станува збор за ѓубре што треба да заврши во најблискиот контејнер, туку за суровина од која може да се добие биогориво. Ако на ова се додаде и маслодајна репка, дрвени струготини, листови од дрва и отпадоци од овошјето што секојдневно го лупиме, суровината станува побогата и покалорична. Во државава постојат само четири фирми што имаат лиценци за производство на биогориво, а речиси сите произведуваат од увозни нерафинирани масла. Домашна суровина засега се користи многу малку, пишува „Дневник“.
Во согласност со енергетскиот биланс на Македонија 2014-2018 година, потрошувачката на биогорива во 2013 година изнесуваше 1.077 тони, а предвидената потрошувачка за 2014 година е 2.500 тони. До 2020 година 10 проценти од вкупното гориво што се користи за транспорт треба да биде биогориво. Во Министерството за економија велат дека до септември 2014 година ќе се изготви закон за биогорива, кој се однесува на промоција на користење енергија од обновливите извори, вклучително и течните биоенергенти.
„Со законот ќе бидат дефинирани кои агенси ќе може да се користат како алтернативни извори на енергија во индустриските капацитети. По донесувањето на законот за биогорива ќе бидат донесени и подзаконските акти, кои се однесуваат на квалитетот на биогоривата“, велат во ресорното Министерство за весникот.
Од таму велат дека во согласност со Законот за енергетиката, производството на биогорива е дејност од областа на енергетиката. Ова дејност може да ги вршат домашни и странски лица врз основа на лиценца.
„Во досегашниот период од страна на Регулаторната комисија за енергетика има издадено четири лиценци за вршење енергетска дејност, производство на биогорива, и тоа ‘Макпетрол’, ‘Биоди- ком’, ‘Екобиодизел – мам’ и ‘Биоинтернационал’. ‘Макпетрол’ располага со рафинерија за производство на биодизел со капацитет од 20 илјади тони годишно. Во моментов е во изградба и првата централа на биогас, која се гради во село Требош, Тетово“, велат за „Дневник“ во Министерството за економија.
Земјоделците велат дека се свесни за значењето на биогоривата.
„Знаеме дека отпадоците, како лушпи, слама, остатоци од гранки на тутун или дрвени струготини, па дури и арско ѓубре, се одлична подлога за производство на биодизел. Но земјоделецот сам не може да произведува. Треба некој да ги собира не само од дворовите на земјоделците туку и од шталите“, велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
На македонскиот пазар постои понуда на биодизел, но не како чист биодизел, туку како екодизел со учество на биодизел до 20 отсто во класичниот дизел. Најголеми производители на биодизел во светот се Бразил, со користење шеќерна трска како суровина, и САД, каде што се користи пченката. Во Европа биодизелот во најголем дел се добива од маслодајна репка. Во последниве неколку години Kина се искачи на високо место во индустријата на биогоривата со план до 2020 год да изгради 482 биодизел и биоетанол постројки.
Биодизелот се употребува во секоја конвенционална, немодификувана дизелмашина. Нема потреба од преправки за да се употребува биодизел. Тој ја намалува емисијата на јаглероден диоксид, кој е примарна причина за ефектот на стаклена градина, дури до 78 отсто во однос на фосилниот дизел. Исто така, ја намалува емисијата на сулфур и на јаглероден моноксид.
Го продолжува животниот век на машината и е побезбеден за ракување од фосилниот дизел бидејќи е биоразградлив и нетоксичен. Исто така, биодизелот е обновлив и одржлив извор на енергија и ги заменува ограничените природни ресурси на нафта.
Повеќе од 1.000 земјоделци во Србија и нешто повеќе во регионот, со помош на мала „домашна“ машина произведуваат биодизел за сопствена употреба. На пазарот во Србија е можно да се купи најновата опрема за производство на биодизел и цената, во зависност од капацитетот, се движи од 2.250 евра до 3.900 евра.