Министерот за економија Крешник Бектеши денеска објави дека од среда во маркетите 50 прехранбени производи ќе бидат одбележани со видлива назнака „гарантирана цена“ кои ќе чинат колку што се продавале на 1 август и дополнително на тоа намалени за минус 10 отсто. Тоа трговците ќе мора да го почитуваат до 30 ноември.
Производите ќе бидат објавени утре по владината седница. Од 50, според Бектеши, 25 ќе бидат во категории како лепеза. Според министерот, ќе ги има од пекарска, месна, млечна, кондиторска индустрија, односно дека станува збор за производи кои повеќе се трошат во земјата според Заводот за статистика.
„Секој граѓанин кој ќе оди да купува, ќе види ознаки на гарантирана цени и ќе знае дека тие цени нема да можат да имаат нагорно зголемување до 30 ноември, но и поттик на трговците и производителите до среда до Министерството за економија да се пријават ако не се влезени во одлуката и да ги намалат и другите цени.
Листата ќе биде доставена од утре до трговците на мало, на големо, до производителите, а од среда засилени контроли ќе има од Државниот пазарен инспекторат“, рече Бектеши.
Тој додаде дека понатаму ќе има одлуки и за дистрибутерите и производители на пијалоци. како и за хемиските производи, кои исто така би важеле до 30 ноември.
Бектеши очекува од среда да има значително намалување на цените.