Од среда и официјално ќе биде укинат полицискиот час, а од четврток отпочнуваат со работа угостителските објекти, по повеќе од двомесечните карантински мерки за справување со епидемијата од коронавирусот, односно со прецизно утврдени протоколи, истакна на вонредната прес-конференција во вторникот вечерта техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Објавата следеше откако Владата одржа седница на којашто се разгледувало олеснување на вонредните мерки.
Спасовски соопшти дека врз основа на некои исполнети услов, без да прецизира кои се тие, како и на анализите и препораките (претходно во вторникот од Комисијата за заразни болести), престанува важењето на повеќе рестриктивни мерки.
„Од утре престанува забраната за движење низ Македонија, а од четврток почнуваат да работат терасите на угостителските објекти. Од 1-ви јуни прекинува важењето за мерките донесени како дел од вонредната состојба“, рече Спасовски.
Додаде дека задолжителниот карантин се заменува со домашна изолација, доколку лицата поднесат ПСР тест направен во последните 72 часа. Сите лица во државен карантин може да направат тест на сопствен трошок и да бидат упатени во домашна самоизолација .
„Одлуките се донесени зашто македонското здравство добро се справи со пандемијата на коронавирусот, а зад нив има две суштински причини. Првата е тоа што состојбата со епидемијата е под контрола. Зголемениот број е резултат на одредени непочитувања на мерките во претходната фаза. Во наредниот период ќе има нагласена примена кон жариштата… Втората причина е што капацитетите и знаењето на здравствените работници достигнаа високо стручно и професионално ниво и подготвеност и системот е подготвен да одговори“, уверува Спасовски.