Вкупно 45 лаборатории, простории за индивидуална и тимска работа, сала за состаноци со видеоконференциска опрема, канцеларии за стартап и спиноф компании, мултимедијална соба, кабинет за снимање на звучни записи за мултимедијален центар и кабинет за истражувачи на мултимедијален центар. Ова се дел од новите простории поврзани со научно-истражувачка и апликативна работа кои ќе ги добијат на располагање идните студенти на ФИНКИ.
Во новата современа зграда за нив е предвиден и еден голем амфитеатар за 300 корисници, 8 големи предавални од кои секоја за 120 корисници, потоа 12 помали предавални, конференциска предавална, голема компјутерска наставна лабораторија, 22 истражувачки лаборатории и дополнителни 23 помали компјутерски лаборатории- училници за практична работа на студенти, канцеларии за професори и голем централен хол.
Од аспект на компјутерска опременост ќе има компјутерски центар кој во себе ќе опфаќа: серверска сала, главна телекомуникациска сала, 5 телекомуникациски простории, генератор, просторија за подготовка и тестирање и канцеларии за компјутерски центар. Во зградата ќе биде сместена и администрацијата на факултетот заедно со деканатот.
Од друга страна студентите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе добијат: голем амфитеатар за 350 корисници и мал амфитеатар за 150 корисници, 4 предавални, компјутерски центар, 4 лаборатории – моторичка, функционална, биомеханичка, кинезиотерапија, спортска сала, простор за фитнес, аеробик… Во зградата ќе биде сместена и факултетската администрација и деканатот.
Заедничко за двата факултета е дека во нивен состав ќе има: библиотека со читална, медијатека, ресторан, сервисни простории…
Согласно проектот за изградба на двата факултети, идните македонски студенти на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ наскоро ќе може да се пофалат токму со овие најсовремени технички и инфраструктурни услови за работа според највисоките светски стандарди. Заедничко мислење и на студентите и на наставниот кадар е дека доколку Македонија сака врвни дострели во спортот или информатичките науки, мора да има врвни услови за соодветна обука на идните кадри.
Освен обезбедувањето на најсовремени услови, со отпочнување на реализација на проектот за изградба на двата факултета и нивно најсовремено опремување се надминува и повеќегодишниот горлив проблем со кој се соочуваа и студентите и професорскиот кадар.
Факултетот за физичко образование, спорт и здравје уште од 70 тите години на минатиот век е сместен во постземјотресни бараки, кои до ден денес ги дели со други правни субјекти како што се ДУЦ М.М.Брицо и со Спортската академија. Овие бараки се во фаза на распаѓање и видливо е нивното оштетување, со што тие како такви не можат да служат како простории во кои би се одвивала настава. Дека бараките не ќе може да се користат на долг рок говори фактот дека пред неколку години падна кровот на една од бараките. Токму поради тоа на факултетот за физичка култура итно му се потребни нови и нормални услови за работа.
Ништо подобра не е ниту ситуацијата на ФИНКИ кој иако е формиран 2011 година бргу стана еден од факултетите со најголем број на студенти. Без разлика на важноста и бројот на студенти, ФИНКИ нема свои простории , па така мораше изминатиов период да ги користи просториите на ТМФ, кај што веќе се сместени грото од технолошките факултети секој со сопствени просторни потреби.
Изградбата на двата нови факултети, по барање на деканските управи, се реализира по највисоки светски стандарди, за кои Владата обезбеди средства и е прва ваква капитална инвестиција во УКИМ после неколку децении.