Од утре „eBay“ ја укинува провизијата за продажба во Германија

Американскиот онлајн малопродажен гигант „eBay“ објави дека повеќе нема да наплаќа од малите продавачи во Германија провизии за регистрација или продажба за да им обезбеди дополнителен извор на приход за време на кризата.
Провизијата и котизацијата ќе се укинат утре, на неопределено време и ќе ја отстранат најголемата пречка за малите продавачи на „eBay.de“, нагласија оттаму, истакнувајќи дека одлуката нема да влијае на надоместоците што ги плаќаат малопродажните компании.
Досега „eBay“ на продавачите им наплаќаше провизија од 11 отсто и фиксна провизија од 0,35 евра. Од компанијата посочуваат дека одлуката се однесува само на Германија, третиот најголем пазар на „eBay“ по промет, по САД и Велика Британија.
Така, „eBay“ Германија всушност инвестира на германскиот пазар, изјави извршниот директор Оливер Клинк. Овој потег треба да ја поттикне приватната продажба и да ја збогати понудата на германски „eBay“ за да го направи пазарот поатрактивен, рече Клинк.
„Гледаме дека приватните продавачи се многу поактивни и како купувачи. Оние кои продаваат на „eBay“ купуваат двојно повеќе од купувачите кои се ограничуваат само на купување“, објасни тој.
Иницијативата е добредојдена, имајќи ја предвид актуелната економска клима, изјави шефот на германската филијала на „eBay“. „Живееме во време кога многу семејства немаат доволно пари“, додаде тој.
Репрезентативното истражување нарачано од „YouGov“ покажа дека поради енергетската криза, инфлацијата и други неповолни околности, на семејствата во Германија им недостасуваат просечно 180 евра месечно, изјави првиот човек на „eBay.de“.
Затоа во Германија има голема потреба од дополнителен извор на приходи, преку приватна продажба, појасни тој.