Од утре, електронски рецепти за хронично болните

ФЗОМ од утре, 1. мај, воведува препишување и издавање лекови без хартија преку електронски рецепт  за хронична терапија за хроничо болни лица. Ова значи  дека матичниот лекар ќе креира електронски  рецепт, а потоа пациентот ќе го подигне директно во аптека – значи нема потреба хронично  болните да одат кај матичен лекар за хартиен рецепт. Наместо да губат време за чекање и враќање и одење во аптека и на лекар, хроничната терапија ќе треба само телефонски да ја договорат со матичниот и со  документ за лична идентификација да ја подигнат од аптека – изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, денеска на прес конференција.

Ќе може и друга личност да ги подигне лековите од аптека, ако пациентите не можат лично да го сторат тоа, а оваа новина – електронски рецепт – понатаму ќе важи и за другите пациенти, освен за хронично болни лица.

– Оваа мерка ќе придонесе за поефикасна заштита на пацинетите и медицинскиот персонал од корона вирусот, а ќе функционира и по пандемијата. Од 1. мај ќе важи за хронични пациенти, а понатаму за сите осигуреници и дијагнози. Придобивките се повеќекратни – хронично болните добиваат лесен и ефикасен пристап, матичните лекари нема да изготвуваат хартиени рецепти, туку софтверски лекот ќе биде достапен до аптеките. Се скратуваат трошоците и ресурсите за принтање и издавање рецепти, а ќе има повеќе време за преглед на пациенти – додаде Дончев.

Оваа новина, како што нагласи директорот на Фондот, е во директен интерес на 773 аптеки со кои фондот има склучено договор и со 1236 приватни здравстевни установи од општа медицина, 1096 ПЗУ од стоматологија и 165 ПЗУ од гинекологија.

Но и новиот режим на издавање лекови будно ќе се следи од Фондот.

– Преку дигитализацијата, Фондот во реално време ќе ја следи валидноста и обемот на издадени рецепти и лекови. Во реално време стручните служби при недоследности и злоупотреби на системот ќе може лесно и ефикасно да интервенираат – појасни Дончев.