Од утре почнува грејната сезона, имаме гас само за две недели

Регулаторната комисија за енергетика ги издаде трите лиценци на АД ЕСМ за регулирано производство на топлинска енергија, за дистрибуција и за снабдување со што се исполнети сите предуслови утре на 15 октомври да се вклучи парното греење за скопјани.

Лиценцата за производство е издадена до април 2023 година, лиценцата за дистрибуција на максимален рок од 35 години и лиценцата за снабдување на максимален рок од 10 години.

– Со издавањето на овие лиценци се исполните сите предуслови за отпочнување на грејната сезона во Градот Скопје која ќе започне од 15 октомври. Сите критериуми кои важеа, ќе останат и понатаму. Температурата ќе остане 21 степен целзиусов.

Во моментов државата има набавено природен гас за следните две недели, но регулаторот уверува дека парно греење ќе има до крајот на грејната сезона. Доколку нема гас, ќе се гори друг енергенс како нафта или мазут. Неизвесно е дали приватната централа ТЕ-ТО ќе работи поради цената на природниот гас на берзите, но Беслимовски вели скопјани имале парно и пред 2012 година кога оваа електрана започна да работи и топлината што се создава да се користи и за греење на скопјани.

Во Белград започнувањето на грејната сезона е одложено, истото е направено во Италија. Во Австрија и Швајцарија максималните температури се 19 степени, а ние остануваме на истите 21 степен и се што може РКЕ да направи, ќе направи во рамките на нормалното за да има непречено греење.

Регулаторот информираше дека грејната сезона во Србија, Италија, Германија, Швајцарија и уште дел од поразвиените држави го одложија стартот на грејната сезона, а во дел од земјите максималните загарантирани температури на парното не надминуваат 19 степени.

– Скопје до 2012 година се греело без ТЕ-ТО и сега ќе може. Замолувам да не создаваме непотребна паника и да не креваме хистерија кај граѓаните. Србија која има далеку пониска цена на гасот и резерви на гасот, ја одложи грејната сезона за една недела. Така што верувајте им на институциите – порача Бислимоски.