Од утре се олабавуваат мерките, нема веќе маски на отворено

Од утре нема да се носат маски на отворено, но до 15 јуни останува да важи полицискиот час, соопшти денеска Владата откако Главниот координативен ковид-19 кризен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките.

Останува на важност мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори. Дозволено е присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5- 2 м (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од ковид-19.

Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица. Се дозволува организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, согласно соодветен протокол. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив на масата.

Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина (член 3 т. 14 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест ковид-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Сл.В.РСМ“ бр.263/20).

Одлуката на Главниот координативен кризен штаб на Владата е донесена по исцрпна дискусија и имајќи ја предвид поволната моментална епидемиолошка состојба со ковид-19 во земјата, која се карактеризира со намалување на 14-дневна инциденца (бројот на новонастанати случаи) на позитивни случаи, намалување на позитивни тестови за ковид-19 во однос на вкупен број тестирани лица, намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.