Од утре од девет часот Зоолошка градина- Скопје повторно ќе биде отворена. Но, сите кои едвај чекаат повторно да се дружат со животните, треба да знаат дека од утре ќе има и нови правила на однесување, со кои ќе се води грижата за јавното здравје, но и за здравјето на животните.
-Инструкциите ги добивме и од утре ги отвораме вратите за посетители, но овој пат поради ситуацијата, со нов протокол за движење и придржување кон мерките. Секој што ќе сака да ја посети Зоо градината ќе мора да носи маска при влез, и тоа задолжително. Уредно е обележани и ред за влез ќе се чека на дистанца од 1,5 метар. Строго е забрането хранење и доближување до животните. Не смее да се употребуваат летниковците и детските игралишта, се додека не се донесе одлука дека може да има групно собирање. Низ зоолошката градина секако ќе се држи задолжителна дистанца од другите посетители. Дозволено е во текот на денот да се примаат до 1.000 посетители, што значи дека за време од еден час ќе може да има максимум до 150 посетители. Бројот на посетители мора да биде ограничен, за да во одреден момент не се создава поголема гужва низ градината. Засега нема да се прават детски родендени. Има јавувања од граѓани и интерес за родендените, но за тоа одлука ќе се донесе деновиве. Јавното здравје е пред се и затоа сите заедно треба да се придржуваме кон мерките . И на крајот сакам да потсетам и дека освен за здравјето сите посетители треба да се грижат и за хигиената и отпадоците да се фрлаат во корпите, вели Ѓорги Галетановски, директор на Зоолошката градина.
Зоо градината не работи скоро 2,5 месеци. Ова време се искористи за средување и за нови жители. Редовно се дезинфецира а маски ќе носат и вработените и редарите, кои ќе се грижат за задолжителната дистанца.
За овој период пристигнаа и фламингата,а детскиот жагор го очекуваат жирафите Флопи, Каспер и Тегобо, морските лавови Кан и Гете, кај и да е ќе пристигнат камилите, пингвините, чие живеалиште е при крај. Во овој период пристигнаа и неколку принови. Кенгурчето Пикси доби бебе, има ново пони коњче, со принова се и гуските а има и седум мини прасиња.