Од Венецијанската комисија не бараме одложување на мислењето за Законот за  јазиците, вели Заев

Владата никогаш не барала одложување на објавувањето на мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека било побарано одлагање на мислењето, бидејќи тоа „може да влијае на изборниот резултат“.

– Тамам работа. Јас сум Зоран Заев кој го бранеше овој Закон уште кога албанските политичари и албанските политички партии беа поприлично резервирани, не знаејќи што ќе се случува околу самото законско решение. Ние треба да бидеме чесно, искрено и отворено поставени пред сите прашања, па и пред вака сериозни, нагласи Заев.

Тој потенцира дека Венецијанската комисија „на пластичен и на едноставно разбирлив начин“ ги дава своите аргументи и ги поздравила преземените чекори кои се дури и поголеми од европските вредности, но ни препорачува да внимаваме, бидејќи немаме „капацитетност“, што може да уништи многу други исто така важни, па дури и поважни права, како што е правото на правда.

– Јас верувам дека Законот ќе има полн капацитет во својата имплементација. Неговата примена е ставена во сила, никој не загубил ништо, добиваат само уставно право кое што претходно не им беше овозможено и на Албанците и на помалкубројните заедници,  истакна Заев.

Тој нагласи дека верува оти ако сме Европејци на крајот европски ќе овозможиме целосна практична примена на овој закон, онака како што заслужуваат граѓаните на државата.