Со симболично палење на шест свеќи денеска во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје беше одбележан Јом Ашоа, денот на еврејските жртви на холокаустот и 71 година од востанието на Евреите во Варшавското гето.
Половина милион Евреи биле собрани во Еврејското гето во окупирана Варшава, од каде биле депортирани во логорите на смртта. На 28 април (нисан по еврејскиот календар) тие кренале востание и голораки, боси, гладни и без надеж, сакајќи само достојно да умрат, се обиделе да дадат отпор на нацистите. Тие тоа сурово го казниле и по наредба на Хитлер гетото било уништено. Тој датум израелскиот Кнесет го утврдил како национален ден за сеќавање на холокаустот и на тој ден се одржуваат комеморации во сите земји каде што има еврејски заедници.
Комеморацијата за убиените Евреи е воедно и за 7.144 Евреи од Македонија, или 98 проценти од вкупната еврејска популација тогаш во Македонија, кои на 11 март 1943 биле собрани од нивните домови и депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. Половина од нив биле деца.
Во Меморијалниот центар беше отворена изложба на цртежи од македонски ученици на тема „Холокаустот низ призмата на детските очи“, која е дел од едукативниот проект што Центарот две години го реализира во соработка со Министерството за образование и наука. Овие денови Центарот е домаќин и на петдневен меѓународен семинар на студенти Евреи од 20 европски земји и од Израел, организиран од Светската и Европската унија на еврејски студенти.