Одбележан светскиот ден на стари лица

Во Дневниот центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови, во ДХО „Даре Џамбаз“, во организација на Црвениот крст на Република Македонија денеска по повод Светскиот ден на стари лица, се одржа натпреварот по прва помош за лица од трето доба.

На одбележувањето на Светскиот ден на старите лица, присуствуваше и градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, претставник од управниот одбор на ЕВН Македонија, Игор Гиевски, претседателот на Сојузот на здруженија на пензионерите на Република Македонија и генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, Саит Саити.

-Пред се сакам да Ви го честитам Светскиот ден на старите лица и да потенцирам дека Градот Скопје и натаму ќе ги поддржува сите активности и проекти поврзани со овој Дневен центар, којшто претставува социјален сервис преку кој се развиени и унапредени вонинституционални форми за заштита на лицата во трето доба. Проектот во 2013 година се реализираше со трипартиден договор меѓу Градот Скопје, Министерството за труд и социјална политика на РМ(МТСП) и Црвен крст на град Скопје, а во последните два месеца поддршка даде и компанијата ЕВН Македонија. Град Скопје досега поддржа отворање на 3 дневни центри од ваков вид, тука во „Даре Џамбаз“, во Гази баба и во Општина Чаир, со што сметам дека барем малку Ви го олеснивме третото доба и Ви помогнавме да се социјализирате и да уживате во пензионерските денови. Сакам да Ви пожелам уште долги години добро здравје и да продолжиме да се дружиме вака, за убави поводи и настани, истакна градоначалникот Трајановски.

stari

Досега, во рамките на проектот се реализираа посети на стари изнемоштени лица т.е. на вкупно 120 лица во трето доба кои живеат сами или со својот брачен другар на подрачјето на општините Кисела Вода, Центар, Шуто Оризари, Чаир, Бутел, Карпош и Ѓорче Петров. Овие стари лица беа посетувани еднаш неделно, а по потреба и повеќе пати од медицинска сестра и волонтер. Дел од корисниците со ниски примања добија лекови на месечна основа, односно околу 80 стари лица беа снабдени со основните медикаменти. Над 80 пати на годишна основа е направена лекарска интервенција со придружба на медицинската сестра на овие стари и изнемоштени корисници кои имаат потреба од поддршка во спроведувањето во здравствениот систем на РМ, а за околу 32 случаи е интервенирано за обезбедување некоја од услугите на системот за социјална заштита (надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок за слепо лице и сл.). Медицинскиот тим составен од 4 медицински сестри реализираше околу 480 посети на месечна основа. За време на овие посети секое лице, без изклучок, доби проверка на крвниот притисок и мерење на шеќер во крвта, еднаш месечно за дијабетичари и на три месеци за сите преостанати, како и контакти со матичните лекари.

За социјализацијата и поддршката на корисниците во нивното секојдневие се грижеа 20 волонтери кои во тековната година реализираа на месечна основа 320 посети. Во текот на еден месец се реализираа следните услуги за корисниците во домашни услови од волонтерите: набавки на намирници во просек 224, посета на лекар со старото лица околу 9 пати, социјални разговори 448, контакти со членовите на семејствата, контакти со матичните лекари и рекретаривни активности.

Со корисниците од домашни услови беше подготвен и филм документарец по повод Светскиот ден на лицата во трето доба во соработка со Институтот за етнологија и антропологија при Природно математичкиот факултет. За волотнерите во проектот во текот на годината на секој 3 месеци се реализираше работилница за тимска работа, а капацитетите на тимот беа надоградени со знаења од областа на правата помош, системот за социјална заштита на РМ, психосоцијална-поддршка и практични совети за одговор при катастрофи во домот на старите лица.

Во рамките на проектот во 2014 година се унапредија активности посветени за активни пензионери во две постоечки простории на Дневен центар за стари лица. Со цел активно стареење беа реализирани следните активности: мерење на шеќер во крвта, крвен притисок и антропометриски мерења на месечна основа т.е. во просек на 134 лица на месечна основа или годишно 1608; повремени очни прегледи, но најмалку 6 месеци во годината со очен хирург, на месечна основа во просек 102 лица направиле проверка на очите, организирани солидарни хуманитарни активности на секој два месеци по една голема заедничка активност иницирана од пензионерите, шаховски турнири, чи конг вежби за лица во трето доба, ликовен курс за корисниците, едукативни прошетки во природа и во градот Скопје во просек еднаш месечно, редовни предавања од медицински и од социјален аспект и тоа во просек по 5 на месечна основа.  Во рамките на активностите на Дневниот центар се реализираа фокус групи за истражување на потребите на старите лица со цел идно лобирање за донесување на посебен закон за стари лица или измена и дополнување на веќе постојните права за стари лица и истото беше организирано во соработка со Заводот за социјални дејности Скопје. Овие средби резултираа со изработка на брошура за правата од социјален и здравствен аспект изработена во соработка со ЦКРМ.