Денеска во беровско Русиново беше одбележан датумот, односно 113 години од загинувањето на македонскиот револуционер Дамјан – Даме Груев.
Груев загинува на 23 декември 1906 година во Русиново по порбата со турската војска откако претходно бил предаден.
Дамјан Јованов Груев или само Даме Груев е роден во Смилево на 19 јануари 1871 година. Тој е македонски револуционер, основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација. Возвишуван е како апостол и волја на револуционерна Македонија.
Се родил во селото Смилево, тогаш во Османлиската империја, а денес во Македонија, во семејството на Јован и Тула. Се школувал во родното село Смилево, Ресен и Битола, Солун и Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во Солунската егзархиска гимназија Св. Кирил и Методиј (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонски народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда . На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало за цел ослободување на Македонија од османлиската власт. Меѓутоа, поради убиството на бугарскиот министер за финанси, Белчев, Македонското студентско друштво се самораспуштило, а Даме заминал за Македонија.
Во текот на образовната одисеја на потегот Солун – Белград – Софија, Даме и неговите сопатници созреале и разбрале дека ослободувањето на Македонија лежи во самите Македонци.
По враќањето во Македонија, дава иницијатива за формирање Учителски сојуз со чисти револуционерни идеи, но ваквата иницијатива не заживеала. Набргу потоа се нашол како егзархиски учител во родното Смилево, а во учебната 1892-93 година бил назначен за учител во Прилеп. Во овој град, поради конзервативната чорбаџиска средина, немало услови за револуционерно делување и незадоволен од таквата средина, Даме решил да замине во Солун. Во културниот, економскиот и политичкиот центар на Македонија, Даме се вработил во печатницата на Коне Самарџиев, македонски чорбаџија и издавач.
Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација. На конститутивниот состанок, јануарска средба, Даме станал прв секретар на Централниот комитет. Од Солун заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука првпат се сретнал со Гоце Делчев.
Учесниците на денешниот помен во Русиново, инаку и челнови на ВМРО-ДПМНЕ, истакнуваат дека Даме Груев е апостолот на Македонската револуционерна борба и дека бил доживуван како волјата на револуционерна Македонија.
„Ние сме тука, секоја година, да се поклониме, да одадеме почит на војводата Даме Груев, на човекот за кој Внатрешната македонска револуционерна организација му била длабоко насадена во срцето, создавјќи ја со една единствена цел „Слободна Македонија, Македонија на Македонците, самостојна и независна Македонија во која ние денес живееме“, на напишаа на Фејсбук.