Во рамки на активностите по повод 30-годишниот јубилеј на Армијата, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од состав на командата за операции со воена свеченост ќе го одбележи Денот на единицата.
Согласно програмата, Денот на единицата ќе се одбележи со пригодни обраќања на заменик на командантот на вВИНГ, потполковник Игор Чкоров и началникот на штаб на командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓорговски по што ќе следуваат соопштување на стимулативни мерки на припадници на вВИНГ и прелет на воздухоплови од составот на единицата.
На свеченоста ќе присуствуваат началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, државниот секретар Драган Николиќ, генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата и поранешни команданти и припадници на единицата.
Воздухопловниот ВИНГ го прославува 10 јуни, како датум кога во 1992 година се случил првиот лет на воен екипаж од штотуку формираното македонско воено воздухопловство.