Одбележување на Светскиот ден на филозофијата

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија денеска и утре по 19. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата. Овој ден, востановен од УНЕСКО, традиционално се одбележува третиот четврток од месец ноември и се слави низ целиот свет, потенцирајќи ги вредноста и придобивките на филозофијата.

Годинава, како што информираат од Филозофското друштво на Македонија, централен академски дел на чевствувањето ќе биде дводневниот симпозиум на тема „Современите предизвици на филозофијата и/на науката“ во којшто во три блок сесии ќе учествуваат четиринаесет истакнати филозофи, научници, професори и истражувачи од земјата и странство.

Манифестацијата ќе биде отворена со концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност, односно ансамбл гитари од класата на проф. м-р Дарко Багески. Во свечениот дел пригодно обраќање за смислата на филозофијата ќе има Ернесто Хередеро дел Кампо, заменик шеф на мисија и аташе за култура на Кралството Шпанија во Скопје.

Вториот ден ќе се одржат промоции на неколку филозофски публикации. Станува збор за списанието „Филозофска трибина“, односно броевите 27 и 28, зборникот на текстови „Логос и Тропос“ и студијата „Естетика: естетички категории“ од проф. д-р Иван Џепароски.