Одбиените кадетите протестираа пред МВР, Спасовски ги игнорира

Кадетите од генерацијата 2017/18 во средата повторно, по протестот од 11-ти јуни, излегоа на протест пред Министерството за внатрешни работи за да го изразат својот револт затоа што се  уште немаат добиено договор за работа од Министерството за внатрешни работи, иако успешно ја завршиле обуката за полицајци.

Тие велат дека се’ уште не име јасно зошто некој си игра со нивните судбини и со кое право сака да ги претстави како криминалци.

„За некој да конкурира на конкурс за полицајци заедно со документацијата доставува и потврда за неосудуваност. Го прашуваме министерот Оливер Спасовски зошто не ни дозволува средба на која ќе ни објасни зошто немаме договори за вработување, зошто се уште немаме никаков писмен документ зошто сме одбиени и од која причина? По објавувањето на ранг листата министерот е должен да донесе решение за склучување на договори за вработување според постигнатите резултати на самата ранг листа“, рече Дарко Петковски, еден од кадетите.

Петковски кажа дека досега Министерството за внатрешни работи им нанело доволна штета, како материјална, така и нематеријална, со тоа што без никаков доказ ги прави криминалци.

„Бараме сериозно да се разгледа ситуацијата со секој од нас поединечно и да не бидеме ставани во ист кош. Доколку меѓу нас има криминалци, бараме да се побара одговорност од заменик министерот Агим Нухиу, затоа што тој ги потпиша нашите договори за обука, а за сите останати МВР веднаш да образложи зошто не склучило договори“, додаде Петковски.

Побара одговор од министерството и зошто по нивниот прв собир биле повикани десетина нивни колеги, што прво биле презентирани како криминалци, а потоа добиле одговори.

Доколку не се реши нивниот проблем тие најавија тужби до министерството поради непочитување на договорот при стартот на обуката, како и тужба за клевета бидејќи биле презентирани како криминалци.