Одбиено барањето на Ѓоковиќ за влез во САД

Како што објавија американските медиуми во саботата, првиот тенисер од АТП ранг листата, Србинот Новак Ѓоковиќ, нема да може да игра на претстојните турнири во Индијан Велс и Мајами.

Поради тоа што не бил вакциниран против коронавирусот, Ѓоковиќ мораше да ја достави соодветната документација и да напише барање за да добие посебна дозвола за влез во САД. Сепак, се чини дека барањето на Ѓоковиќ било одбиено, а тоа го потврди и сенаторот од Флорида, Рик Скот.

„Добивме информација дека барањето на Ѓоковиќ да влезе во нашата земја е одбиено. Сепак, веруваме дека таквата одлука сепак може да се промени“, изјави Скот.

Но додека отсуството од турнирите во Индијан Велс и Мајами, кои се одржуваат во текот на март, Ѓоковиќ некако би и го пребродел, потенцијалниот настап на УС Опен, грен-слем турнирот во Њујорк, кој се одржува од 28-ми август до 10-ти септември му е многу поважен. Дотогаш, сепак, останува уште многу време за промена на моменталната негативна ситуација за тенисерот кој исто како и Рафаел Надал досега има освоено 22 грен-слем титули во текот на кариерата.