Одбиено барањето за изземање на Јанева за „Тенк“

Седницата на Апелација, на која се расправа во жалбата на поранешниот премиер, Никола Груевски за пресуда во случајот „Тенк“ продолжи, откако судот извести дека е одбиено барањето на одбраната за изземање на специјалната обвинителка, Катица Јанева. На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Груевски пред Судечкиот совет треба да ја образложи поднесената жалба на пресудата со која тој е осуден на две години затвор за набавката на блиндираниот „мерцедес“. Груевски вчера на прес-конференција во Собранието најави дека нема да се појави на седницата ниту тој ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена. Апелација ќе решава по жалбата на поранешниот советник во МВР, Ѓоко Поповски кој е осуден на шест години за истотот дело. Тој и неговите адвокати дојдоа во Алецискиот суд.

Откако СЈО го извести судот дека барањето за изземање на Јанева не е дозволено, продолжи јавната седница, а Судијката-известител Тања Милева, рече дека за „Тенк“ биле поднесени вкупно 6 жалби, од кои 4 на адвокатите на Груевски, една лично од него, и уште една од Ѓоко Поповски.

Во жалбените наоди на адвокатите е наведено дека судот направил серија суштествени повреди на Законот за кривична постапка, и дека погрешно ја утврдил фактичката состојба.
Во жалбата пишува дека судот против-законски ги одбил барањата на адвокатите за изземање на судиите и поротниците и дека СЈО пред судот не ја докажало надлежноста. Освен тоа, наведено е дека дел од доказите биле доставени во копија, а Груевски и неговите адвокати воопшто не ги добил бомбите како докази. Записниците од седниците за судењата не кореспондирале со видео-записите од судскиот процес. Обвинетиот се жали за вештачењата на СЈО, кои, како што пишува во жалбата, вештачеле со истечени лиценци. Адвокатите се жалат дека не бил доставен записник за примопредвање на бомбите.

Во жалбата се додава дека во февруари годинава настапила апсолутна застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор кој Груевски го направил на 26 февруари 2012 година. Во образложението на жалбите е наведено дека пресудата е нејасна и противречна.Ова се дел од причините, поради кои Груевски бара да биде укината првостепената пресуда и судот да донесе ослободителна пресуда.