Одбрана е печатницата за учебниците – министерот Шаќири со нови ветувања

По многу недоречености и пробиени рокови – стигна најновото ветување дека учебници ќе има уште од ноември. Одбрана е печатницата којашто ќе ги печати за основците, откако веќе месец и половина тие знаењето го црпат од скрипти или т.н. заменски материјали. „Европа 92“ го добила тендерот според условот за најниска понудена цена.

„Постапката за економски оператор е завршена, компанијата е „Европа 92“ која била со најниска цена во тој процес. За целосната постапка има комисија, има луѓе кои се во секторот за јавни набавки. Од другата недела па во наредниот период, како што ќе се завршува со печатењето на учебниците и како што ќе се доставуваат, јавноста ќе биде информирана за постапките за сите учебници“, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Откако Министерството за образование и наука се најде на мета на гласни критики, министерот сега најави законски измени. Роковите ќе бидат забрзани и учебниците навремено доставени во училиштата, ако се измени дел од регулативата – уверува првиот човек на ресорот.

„Во делот на решавање на проблемот, од страна на Педагошката служба и од Националната комисија после подолг период ќе се разгледа и можноста на промени на Законот за учебници и за издавачка дејност зошто тука има некои временски ограничувања, тука има некои временски периоди и постапки коишто не можат да бидат толку брзи“, додава Шаќири.

Овие најави од МОН стигнуваат десет дена откако е формиран владиниот Совет за унапредување на образованието и науката, со кој претседава премиерот Ковачевски, а покрај министерот за образование, таму се и двајца вицепремиери, како и министер за финансии, заедно со Педагошката служба и стратешките партнери на Министерството за образование.