Одбраната бара од Апелација враќање на пасошот на Орце Камчев

Јордан Камчев веќе неколку пати ја користел претходно издадената времена исправа за патување, што покажува дека нема да се даде во бегство, додека понудената гаранција од над 3 милиони евра е многу сериозна, особено што се однесува на враќање на патна исправа, а не на мерката притвор.

Ова го наведе одбраната на осомничениот во „Империја“ бизнисменот Јордан Камчев, образложувајќи ја денеска пред Апелацискиот суд во Скопје, жалбата за укинување на мерката претпазливост и одземање на патна исправа, со предлог хипотека.

Адвокатот Антонион Апостолски, образложувајќи ја жалбата, рече дека судот претходно му определил времена исправа за патување и обвинетиот неколку пати ја користел, што покажува дека не држи наводот дека ќе се даде во бегство, како и дека е доставена дополнителна гаранција со вкупна вредност од 3,18 милиони евра.

– Не е направно вештачење и наведената штета се само наводи на обвинителството. Можеа овие година и нешто колку трае истрагата да направат проценка за судот точно да знае, изјави Апостолски.

Дополнително, посочи дека понудената гаранција од над 3 милиони евра е многу сериозна, особено што се однесува на враќање на патна исправа, а не на мерката притвор.

Јавен обвинител од Вишото обвинителство, образложи дека, немало суштествена повреда на постапката и дека останува на писменото барање за отфрлање на жалбата како неоснована.

Судот, во образложението на одлуката, наведува дека се уште постојат причините поради кои е одземена патната исправа, имајќи ја предвид тежината на делото за кое се терети, двојното државјанство и тоа дека понудената гаранција е помала од имотно-правната корист со која се стекнал.

Одлуката ќе биде соопштена преку првостепениот суд.