Одбраната бара ослободување за Канческа Милевска во „Тендери“

Врз основа на целокупниот доказен материјал кој беше изнесен, се докажа дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ не сум го сторила, ниту пак истото можело да се стори од кој било аспект, онака како што е произволно наведено во обвинението, изјави денеска поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска на изведувањето на завршните зборови во случајот „Тендери“.

Канческа Милевска образложувајќи дел од доказите од доказната постапка, посочи дека тие не докажале дека се точни наводите на обвинението.

– Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување. Напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура – рече Канческа Милевска.

Според неа, од сите изведени докази, како што рече, се потврди дека јавната набавка е спроведена според Законот за јавна набавка во целост.

Таа истакна дека се надева дека судот ќе донесе објективна пресуда која се заснова на докази и факти. Претходно, одбраната побара ослободителна пресуда, додека, јавниот обвинител осудителна.

Адвокатот Сашо Дуковски побара од Судечкиот совет, при оценката на сите релевантни факти, да го има предвид, како што рече, решителниот факт.

– Потенцирам и апелирам до Судечкиот совет, при оценката на сите релевантни факти, да го има предвид решителниот факт, како примарна работа, а тоа е дека за постоење на ова кривично дело, мора да постои бланкетна норма, која обвинетите неспорно ја повредиле, за да воопшто постои кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ – рече Дуковски.

Според него, набавката за која се товарат обвинетите е спроведена на таков начин, како што рече, „што обвинетите треба да бидат наградени и пофалени“.

– За ова постои и извештај од Државниот завод за ревизија, каде на ниедно место не е констатирано прекршување, а наградата за тоа е обвинение за „злоупотреба службената положба и овластување“ – рече Дуковски.

Тој, како и останатите бранители, побараа од судот, после анализа на сите изведени докази, да донесе пресуда со која обвинетите ќе ги ослободи од обвинение дека сториле кривично дело како соизвршители.

Канческа Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Обвинението наведува дека пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Стевчо Дончев.

Пресудата за „Тендери“ ќе биде објавена на 12 мај.