Одбраната на Камчев реагира: Требало да оди на контрола, а од Кардиологија му закажале за крвни анализи дури за во 15 часот

Одбраната на Јордан Камчев реагира на написи во одредени медиуми со наслов „Камчев се жалел дека има коронавирус, но одбил испитувања на државна клиника“.

Реакцијата ви ја пренесуваме интегрално:

„Се работи за целосна невистина дека г-динот Камчев воопшто се пожалил на симптоми на коронавирус и дека одбил испитувања на државна клиника кои му биле понудени.

Сериозното срцево хронично заболување кое го има г-динот Камчев, а е потврдено и од врвни кардиолози експерти од Р. Австрија, Р. Словенија и Република С. Македонија, само по себе бара посебен третман и редовни прегледи. Имено, во текот на летото, по алармантно влошена здравствена состојба на г-динот Камчев, тој беше пренесен на Клиниката за кардиологија каде што беше задржан 5 дена, а потоа беше вратен во притворското одделение на КПУ Скопје.

Тогаш, од страна на докторите од Клиниката за кардиологија во Скопје беше потврдено дека треба да се изврши контролен преглед месец и половина по неговото пуштање од клиниката. Како одбрана на г-динот Камчев, во соодветниот период посочен од докторите побаравме тој да биде посетен во затворот од доктор и да му се овозможат неопходните лекарски прегледи почнувајќи од биохемиска анализа која за неговата состојба е основен и неопходен параметар.

Тоа не беше дозволено, туку од страна на затворската управа му беше понудено во 15 часот попладне да биде спроведен на Клиниката за кардиологија во Скопје. Г-динот Камчев го одби тој преглед бидејќи терминот и начинот се сосема несоодветни за биохемиски проверки кои, како што напоменавме, се клучни и основни за проверка при третманот на неговата здравствена состојба.

Како и тогаш и сега, како одбрана, бараме објаснување на кој основ се одлучува кој од притворениците има право да се лекува на приватна, а кој на државна клиника, односно кој е органот кој одлучува за тоа?

Се изнесуваат невистина и во врска со тоа дека г-динот Камчев не се пожалил на влошена здравствена состојба на затворскиот лекар. Во неколку наврати, при сериозно влошување на неговата здравствена состојба тој има побарано интервенција од затворскиот лекар, но имало случаи и кога смената на лекарот била завршена па за преглед доаѓала само медицинска сестра и, како што е веќе познато и пренесено на јавноста, неговата влошена здравствена состојба во притворската ќелија е третирана со кисела вода и сол.

Во насока на точно и непристрасно информирање на јавноста, бараме објава во целост на оваа информација која ја испраќаме и во која појаснуваме официјални детали за случувањата поврзани со здравствената состојба на г-динот Камчев. Бидејќи често се работи за  непотврдено и невистинито изнесување на сензитивни информации, како одбрана на г-динот Камчев при повторување на истото ќе бидеме принудени да преземеме соодветни правни мерки во однос на истото“, се наведува во реакцијата.