Поради нарушувањето на процедурите и стандардите од стана на македонските правосудни и органи на прогонот и нивниот молк во заштита на законитоста во случајот на Јордан Камчев, неговата одбрана се обрати со отворено писмо до министрите за надворешни работи на Совет на Европа во кое посочува на незаконските дејствија, како кон бизнисменот така и кон неговите правни застапници.
„Тргнувајќи од фактот дека Македонија е под мониторинг на Комитетот на Министри при Советот на Европа во делот кој се однесува на примената на мерката притвор и треба да постапува согласно со Акцискиот план Владата на Македонија за извршување на оваа обврска и имајќи го предвид незаконитото лишување од слобода, тортурата која беше потврдена и против правната и незаконита употреба на „сомнителни докази“, надвор од сите процедури и стандарди на дејствување од страна на Агенцијата за национална безбедност, како и јавниот напад на одбраната во случајот на Јордан Камчев, одбраната се обрати со отворено писмо до 47-те министри за надворешни работи на Совет на Европа поради следниве причини, и тоа:
1. Круцијалниот доказ со кој Судот располага и врз основ на кој г-динот Јордан Камчев е против законски лишен од слобода и му е повторно продолжена мерката притвор е целосно незаконит доказ, односно, не смее да биде доказ во кривична постапка. Дополнително и покрај сите инсистирања од страна на одбраната Судот одбива тој доказ да го обелодени, достави и презентира на одбраната.
Имено, Информација (заведена под СД бр. 02-545/1 од 14 ти Март 2021 година) на АНБ врз која се заснова решението на Судот за лишување од слобода, не само што не е доставена до одбраната и Судот одбива да го стори тоа, Информацијата на АНБ е спротивна на член членот 43 од Законот за Агенцијата за национална безбедност и согласно на овој член, не може да се употреби како доказ во кривична постапка, но може да се користи за иницирање и насочување на кривична постапка.
2. Недозволливо е вршење на јавни напади и притисоци врз одбраната на г-динот Јордан Камчев, преку соопштенија и изјави што претставува директно мешање и дискредитација како на целокупниот предмет, така и директно на г-динот Јордан Камчев и на неговата одбрана.
Поради молкот на македонските институции во овој случај, до кои повторно апелираме да започнат да постапуваат согласно својот професионален интегритет, одбраната на г-дин Јордан Камчев бара меѓународен мониторинг на случајот односно, овој случај да биде дел од процесот на мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа.
Меѓународен мониторинг се бара и поради директно кршење на Уставно загарантираните права и гаранции на Јордан Камчев на „слобода и безбедност”, „правото на ефикасна и делотворна одбрана ” и на неговото право на „правично судење пред непристрасен трибунал”, како и дека бил субјект на нечовечко и понижувачко дејствување од страна на институциите на Македонскиот систем кои му ја имаат ограничено неговата слобода“, се наведува во интегралниот текст на отворенот писмо.
Камчев заврши во притвор на 14 март 2021 како осомничен во случајот „Плацови на Водно“. Мерката беше побара откако обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека бизнисменот се подготвува за бегство. Пред десетина дена на барање на обвинителството, судот му ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена.
Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев, осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева …
Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милион евра.
Неодамна, во рамки на истрагата обвинителството вршеше претрес и во станови што се поврзуваат со Груевски.Истрага во меѓувреме дојде до завршница. Како што соопшти републичкиот обвинител Љубомир Јовески во гостување на Телма ТВ минатата недела, обвинителството веќе ги изготвува известувањата за завршена истрага, а замрзнат е и дополнителниот имот кој се поврзува со Груевски. Во тој јавен настап, Јовески беше на ставот дека нема ништо спорно во постапувањето на АНБ.