Одбраната на Зеќири повикува за сведоци Битиќи, Бочварски и Макрадули, за да кажат како било

Актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и поранешниот директор на „Пошта“ Јани Макрадули да бидат повикани за сведоци во судскиот случај против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, побара неговата одбрана на денешното судско рочиште.

Одбраната ги бара за сведоци актуелните функционери бидејќи се членови на економскиот тим на Владата и се запознаени со она што е работено во врска со набавката за која се товари Зеќири во обвинението. Со тоа одбраната сака да ги побие тврдењата дека договорите за кои се тој се товари се потпишувани во четири очи

Со обвиненеито на поранешниот генерален секретар на Владата Зеќири му се става на товар дека со умисла извршил две временски поврзани дејствија. Во првиот случај се работи за кнсултантни услуги за реконстуирање на АД Пошта во државна сопственост, а второто за консултантски услуги за поддршка на процесот на потенцијална приватизација на „ЖРСМ Транспорт” АД Скопје.

Откако денеска обвинетиот се изјасни за невин, Обвинителството посочи дека ќе го докаже товарот, а одбраната побара ослободителна пресуда.

Обвинителката Катерина Коларевиќ во воведните зборови наведе дека Зеќири имал задолжение од владата да ги спроведе овие постапки, но тоа не значи дека имал одврзани раце да склучува договори во четири очи, без јавна набавка.

Адвокатот на одбраната Мирослав Вујиќ рече дека за консултантски услуги не треба да се распишува тендер.

– Дали вие треба да имате тендер за консултантски услуги со адвокат?! Сосема е исто, консултантски услуги со реномирана компанија која е стручна во тој дел, ваш е изборот со кого ќе се консултирате и за тоа нешто не е потребна јавна набавка – рече Вујиќ.

Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а судењето продолжува на 30 јануари.