Делови од исказот на д-р Жан Митрев даден пред обвинителката Искра Хаџивасилева на 7-ми декември минатата 2022 година за предметот што се води против клиниката во доминантна негова сопственост, само неколку дена подоцна биле објавени на интернет страницата ДоказМ, велат од правниот тим на клиниката „Жан Митрев“.
Во нивното последно официјално соопштение за медиумите и јавнсота, правните застапници на клиниката изразуваат отворено сомневање во некаква поврзаност на обвинителката Хаџивасилева со Марјан Стаменковски, сопственикот на сајтот ДоказМ, против кого деновиве, исто така, беше покренато обвинение.
Од клиниката „Жан Митрев“ како оштетена страна се сомневаат дека овие настани не се случајност и дека се неопходни брзи одговори за да се намалат штетите. Од одбраната на клиниката не сакаат да сугерираат кој го проследил исказот на Митрев до Стаменковски, дали тоа го сторила директно обвинителката или некој друг, но очигледно е дека токму канцеларијата на обвинителката е единственото место од каде што можело да излезе тој документ.
Во соопштението на Јавното обвинителство во врска со приведувањето на Стаменковски се вели дека тој се сомничи и за соработка со истражителка во ОЈО која всушност работела за него или за некој друг. „Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи“, соопшти ЈО.
„Само бараме ОЈО што побрзо да ја информира јавноста за овие случајности. Да потсетиме и дека мерките кои на 15 ноември 2022 година ДоказМ бараше да се спроведат, Искра Хаџивасилева ги донесе само два дена подоцна, на 17 ноември 2022 година. Не сакаме ние да вадиме заклучоци, но факт е дека тоа што Марјан Стаменковски го објавуваше беше во корелација со процесот против нас во ОЈО“, велат за МКД.мк од правниот тим на клиниката „Жан Митрев“.
Тврдат дека имаат сведочења од пациенти кои дале изјави во предистражната постапка дека биле наведувани, односно обвинителката Хаџивасилева не им земала само изјава, туку и ги групирала и ги организирала наведувајќи ги што треба да направат и како да постапат против клиниката „Жан Митрев“.
„Овие наши пациенти отворено нѐ информираа за оваа комуникација, но во овој момент ќе се воздржиме од понатамошни коментари. А дека зад нападите стои организирана структура водена од конкуренцијата, само хронолошки ќе ги повториме информациите пласирани во јавноста од ОЈО изминативе две недели. Стаменковски во ДоказМ објавуваше материјали од истрагата на обвинителството против клиниката ‘Жан Митрев’, а самото обвинителство соопшти дека нивна истражителка давала информации. Ние знаеме дека клиниката претрпе реална материјална штета предизвикана од, за жал, организирана структура која нѐ напаѓа. Штетата во оваа фискална година е повеќе од 12 милиони евра помалку на приходната страна од претходната година.
Три дена по објавата во ДоказМ во која беше сугерирано да се блокира сметката, обвинителството тоа и го стори. Досега, во демократска земја, не се случило да се блокира сметка на болница која сепак е организација од посебен (државен) интерес за граѓаните. Додека сметката на клиниката беше блокирани, во болницата имаше повеќе од 4.300 пациенти, од кои 120 беа хоспитализирани. За секој пациент потребни се медицински материјали кои треба да се набавуваат нa дневна основа, сите беа згрижени на сопствена штета“, велат од правниот тим на клиниката „Жан Митрев“.
Во едно од соопштенијата на клиниката се споменува и нивен поранешен вработен кој им се заканувал на вработени. Одбраната појаснува дека веќе била поведена постапка против поранешен вработен во клиниката, кој сега работи во „Аџибадем Систина“, а преку Стаменковски, но и лично, малтретирал вработени од клиниката. За ова е почната постапка и очекуваме наскоро да заврши, велат од одбраната на клиниката „Жан Митрев“.