Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава за следење на процесот на вториот круг од Претседателските избори и на Парламентарните избори.
Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата на ОДИХР, по посета на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар, изјави дека заклучоците ќе ги соопштат откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава и дека мисијата ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.
-Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи, изјави Стирк.
Првичните резултати од набљудувањето мисијата ќе ги соопшти утре во 15 часот во х. „Александар палас“.
Претставничката на ОДИХР со нејзиниот тим е во Скопје од 20 март и, како што рече, имаат и долгорочни набљудувачи распоредени низ целата земја на девет различни локации следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.